За наставата по македонски јазик како втор (немајчин или странски) во Република Македонија и надвор од неа Гордана Алексова Изградувањето на јазичната култура на секој поединец, како и на неговата свест за постојано издигнување на нивото на јазичната, како дел од сопствената општа култура, а со тоа и на јазичната и на општата култура на општествената средина, е долготраен процес во кој се испреплетува влијанието на повеќе чинители: семејството, поширокото лично и општествено опкружување, културната средина, медиумите, литературата итн. Несомнено, еден од најважните чинители е образованието, организирано според стандардите на образовната политика на државата, а реализирано низ различните степени основно, средно и високо. Во овој контекст, наставата по јазик е од неприкосновено значење. Наставата по јазик е своевиден феномен, којшто со резултатите од своето дејствување задира во сите сфери на општественото живеење и во животот на секоја единка. Ваквата нејзина способност и нашето право да ѝ придадеме општествени димензии, а воедно да ѝ ги стесниме рамките во секој од нас поединечно, произлегува од нејзината тесна врска со феноменот јазик најсовршеното средство со чија помош човекот ги изразува своите мисли и чувства, општи со луѓето околу себе и ги обавува своите општествени функции. Јазикот, преку својата усна и писмена реализација, претставува одраз на вродената и на стекнатата способност на секој човек за воспримање, разбирање и логичко систематизирање на добиените информации, од сетилните перцепции, па до оние во форма на најапстрактен текст и за негова реакција на истите со логични низи од јазични единици, а со цел да ја воспостави и да ја одржи комуникацијата со светот. Важен момент за квалитетот на јазичната комуникација, покрај степенот на интелигенцијата и јазичното чувство на поединецот, е и степенот на стекнатите способности за творечко насочување на мислата и за правилно јазично изразување, а уште повеќе свеста кај секој зборувач на еден јазик за постојано стекнување и усовршување на ваквите способности во правец на додавање нови вредности на сопствениот јазичен израз. Македонскиот јазик е вклучен во воспитно-образовниот процес во Република Македонија (РМ) од моментот на своето официјализирање во 1944 189
Гордана Алексова година, поточно, од моментот на своето стандардизирање во 1945 година. Тогаш се појавуваат и првите официјални наставни програми на македонски и тогаш македонскиот јазик добива статус на наставен предмет и на наставен јазик во сите степени од образованието. Составувањето наставни програми и планирањето на фондот на часовите за предметот Македонски јазик се одвива според повеќе критериуми, а еден од нив е и мајчиниот (првиот) јазик на учениците кои се целна група за изготвување на соодветната наставна програма. Во таа смисла, наставата по предметот Македонски јазик има статус на настава по мајчин јазик и на настава по немајчин јазик. Овде сакам да ја истакнам традиционалната употреба на синтагмите мајчин јазик и немајчин јазик во македонската лингвистичка и педагошка терминологија. Во поново време паралелно со нив се употребуваат термините прв јазик и втор јазик (или: јазик на општествената средина). Наставата по македонски јазик како мајчин во основното и во средното образование им е наменета на учениците што се родени зборувачи на македонскиот јазик, односно на учениците на коишто македонскиот им е прв јазик за комуникација, јазикот чијашто јазична способност најпрво и најлесно ја стекнуваат и ја развиваат. Наставната програма за нејзината реализација во својот назив не ја содржи синтагмата мајчин јазик, туку е насловена како Наставна програма по македонски јазик за паралелките со наставен македонски јазик. Наставата по македонски јазик како немајчин (втор јазик / јазик на општествената средина) им е наменета на учениците што не се родени зборувачи на македонскиот јазик, односно на учениците на коишто македонскиот не им е прв јазик за комуникација и чијашто јазична способност ја стекнуваат под влијание на средината во којашто живеат. Наставната програма низ која се реализира оваа настава е насловена како Македонски јазик за учениците од другите заедници, а започнува од третото, односно од четвртото одделение на основното образование. Целната група за која се изготвуваат овие наставни програми се учениците со мајчин српски, албански или турски јазик. Со оглед на вековното постоење мултикултурност и мултијазичност на тлото на Македонија, логично е и оваа настава да бележи своја децениска традиција, почнувајќи, исто така од периодот по Втората светска војна. Наставата по македонски јазик за учениците од другите заедници се изведува според две наставни програми една за учениците со српски мајчин и друга за учениците со албански или турски мајчин јазик. И во двете наставни програми македонскиот јазик има третман на задолжителен предмет, со фонд од 2 часа неделно низ сите наставни години од третото одделение до матурата. Разликите во пристапот на содржините по македонски јазик во овие две наставни програми се очигледни, особено во почетните години на изучувањето а произлегуваат, главно, од лингвистички причини, поточно, поради 190
За наставата по македонски јазик како втор (немајчин или странски) во република генетската сродност на македонскиот со српскиот и генетската несродност на македонскиот со албанскиот и со турскиот јазик. Па, така, додека изучувањето на македонскиот кај учениците со мајчин албански или турски јазик започнува со почетен курс, на учениците со мајчин српски јазик им се пристапува како на корисници на македонскиот јазик со делумно изградени комуникациски компетенции. Ова е и разбирливо ако се има предвид фактот дека најголем дел од учениците со мајчин албански или турски јазик во РМ веќе подолго време го започнуваат основното образование без какви и да е јазични способности за комуникација на македонски јазик. Наставата по македонскиот јазик како немајчин, со различен статус и со различен фонд на часови, во високото образование во РМ е застапена во студиските програми на сите универзитети каде што е застапена соодветната целна група. Во моментов, најмал фонд на часови има на Државниот универзитет во Тетово, само 2 часа неделно во еден семестар на првата студиска година, а најголем на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, во студиската група Албански јазик преведување и толкување 10 часа неделно во текот на четирите студиски години. За една друга целна група изучувачи на македонскиот јазик како немајчин важи синтагмата македонски јазик како странски. Се однесува на слушатели на кои македонскиот јазик им е јазик на странска земја. Во оваа смисла се разликува изучувањето на: 1. македонскиот јазик во странство и 2. македонскиот јазик како странски во Македонија. Во однос на изучувањето на македонскиот во странство се изделуваат два сегмента: настава по македонски јазик на странските универзитети и настава по македонски јазик за иселениците. Наставата по македонски јазик во странство датира од 1946 година, кога на Карловиот универзитет во Прага започнуваат двегодишни предавања за македонскиот јазик. Од тогаш започнува пробивот на македонскиот јазик надвор од границите на Македонија, за денес тој да се изучува на околу 30 универзитети во странство. За оваа настава се задолжени лекторатите по македонски јазик, кои се најмногу застапени во словенските земји, а ги има и во други европски земји. Меѓу најактивните и најуспешните лекторати по македонски јазик низ сите години на постоењето, секако, се лекторатите по македонски јазик во Чешката Република. Нивната активност датира од 70- тите години на минатиот век, кога започнува со работа лекторатот на Карловиот универзитет во Прага. Во 1993 год. е отворен и лекторатот на Масариковиот универзитет во Брно. Низ овие два значајни центри на македонскиот јазик, литература и култура поминале повеќе генерации лектори, студенти и научни истражувачи на полето на македонистиката. Надвор од Европа, на овој начин организирана настава по македонски јазик има во Индијана, САД. На некои универзитети во странство, каде што нема лекторати по ма- 191
Гордана Алексова кедонски јазик, македонскиот јазик е застапен и како предмет во студиските програми по славистика. Надвор од границите на РМ се издадени неколку учебници по македонски јазик како странски, и тоа, од немакедонски автори и од еден македонски автор (САД Кристина Крамер; Русија Рина Усикова; Австралија Илија Чашуле; Србија Жарко Бошњаковиќ итн.). За потребите на наставата по македонски јазик во Чешката Република се објавени прирачникот Курс по македонски јазик за чешки слушатели од Бранка Кубеш и Чешко-македонскиот речник од Јадранка Владова и Давид Пастиржик. За квалитетот на оваа настава, несомнено, придонесува и Чешко-македонскиот речник од Иван Доровски и Драги Стефанија. Работата на лекторатите по македонски јазик во странство е во надлежност на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје. Овде неизбежно треба да се споменат и активностите на Летната школа во рамките на МСМЈЛК, којашто годинава бележи 47-годишна дејност, а се одржува секоја година во Охрид. Во рамките на Летната школа по македонски јазик се организираат курсеви за различни нивоа на изучување на македонскиот јазик почетно, средно и напредно, голем број самостојни или циклус-предавања од областа на македонскиот јазик, преведувачки работилници и други форми на јазична интерактивност со слушателите. Наставата по македонски јазик како наследен се однесува на слушателите иселеници, како наследени говорители на јазикот. Овој вид настава се изведува во неколку форми: конзуларна (организирана од конзулатите на РМ во различни земји), интегрирана (што ја нудат земјите во кои живеат иселениците и која е дел од образовниот систем на соодветната земја) и настава што ја организираат македонските заедници и црковните општини низ светот. Грижата во РМ за оваа настава ја водат Министерството за надворешни работи и Агенцијата за иселеништво, во соработка со Министерството за образование и наука на РМ. Во 2007 година е изработен нов курикулум и издаден е учебник со соoдветните содржини. Наставата по македонскиот јазик како странски во Македонија се изведува за странски студенти и за странски државјани на работа и на престој во РМ. Во рамките на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје наставата за странските студенти, преку соодветните курсеви за различни новоа, се изведува во соработка со Филолошкиот факултет Блаже Конески Скопје. Овој тип настава се организира и на универзитетите во Штип и во Битола. Курсеви по македонски јазик како странски се организираат и во приватните училишта за странски јазици, и тоа, најмногу во Скопје, но и во други градови на територијата на Република Македонија. На крај, сакам да истакнам некои активности на Универитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје, што се во функција на наставата по македонски јазик 192
За наставата по македонски јазик како втор (немајчин или странски) во република како втор. 1. На Филолошкиот факултет Блаже Конески Скопје од 2008 година работи Центарот за тестирање и сертифицирање на македонскиот јазик како странски и втор. Во рамките на Центарот се изведува и настава по македонски јазик како странски, а изготвени се и прирачници за составувачите на тестовите и за кандидатите, како и прирачници со тестови за А и Б ниво според Европската рамка на јазиците. Во 2011 година излезе од печат нова едиција учебници по македонски јазик како странски за А, Б и Ц ниво. 2. Во периодот од 2007 до 2009 година се одвиваа активностите на меѓународниот проект на Филолошкиот факултет Блаже Конески од Скопје во соработка со Филозофскиот факултет во Загреб, насловен како Состојбата на хрватскиот и на македонскиот јазик во образовниот систем на повеќејазични средини, во чии рамки се одржаа плодна Тркалезна маса и Научен собир. 3. Во 2010 и 2011 год. Филолошкиот факултет Блаже Конески Скопје беше вклучен во проектот на Министерството за образование и наука на РМ во соработка со Британскиот совет во Македонија, насловен како Унапредување на методологијата на изучување втор јазик, а од којшто беше отпечатен прирачник со упатства за усвојувањето на македонскиот јазик како втор. Наставата по македонски јазик како втор немајчин или странски, долги години се одвиваше без поткрепа на соодветна теориска основа. Во македонската методичка наука сè уште не е доволно развиен делот за овој вид настава, но сè поголем е бројот на научни и стручни трудови од оваа област во македонската и во странската периодика. Позитивните новини што сè поинтензивно се случуваат и претставуваат квалитативен придонес во наставната теорија и практика од оваа област, со сигурност ќе резултираат со модерна настава и со современа теорија за усвојување на македонскиот јазик како втор. Литература: АЛЕКСОВА, Гордана, 2002. Македонскиот јазик како наставен предмет и како јазик во наставата во Република Македонија. Bo: Македонски социолингвистички и филолошки теми. Скопје: Совет за македонски јазик на Република Македонија, c. 9 17. АЛЕКСОВА, Гордана, 2003. За наставниот предмет македонски јазик во паралелките со наставен српски, албански или турски јазик. Bo: Тркалезна маса. Наставата по македонски јазик како странски: состојби и перспективи. Скопје: Филолошки факултет Блаже Конески, c. 5 11. АЛЕКСОВА, Гордана, 2004. Статусот на Македонците во Албанија. Bo: Скривене мањине на Балкану. Београд: Балканолошки институт САНУ, c. 25 31. АЛЕКСОВА, Гордана, 2008. За две општествени функции на македонскиот јазик, или: За статусот на македонскиот јазик во образованието. Јавна трибина Статусот на македонскиот јазик во наставата. Скопје: Универзитет Св. Кирил и Методиј ; Скопје: Филолошки факултет Блаже Конески, c. 17 20. 193
Гордана Алексова АЛЕКСОВА, Гордана, 2011. Наставата по македонски јазик како немајчин втор или странски (актуелни состојби и перспективи). Bo: Stavovi promjena promjena stavova. Međunarodni tematski zbornik radova. Nikšić: Filozofski fakultet Nikšić, c. 182 187. АЛЕКСОВА, Гордана, 2013. Современата наспрема традиционалната настава по втор јазик јазичната вештина слушање. Bo: Вучо, Јулијана Дурбаба, Оливера (ур.). Језик и образовање. Едиција Филолошка истраживања данас, Toм II. Београд: Филолошки факултет Универзитетa у Београду, c. 209 222. АЛЕКСОВА, Гордана, 2013: Од разбирање македонски до разбирање на македонски (на примери од јазичната вештина слушање). Bo: Зборник на трудови од Меѓународната конференција за применета лингвистика: Практиката во јазикот, јазикот во практиката (ПЈЈП). Скопје: Универзитет ФОН Скопје. Факултет за странски јазици, с. 175 183. ГОЧКОВА, Т., 2008. Македонскиот јазик како странски актуелни состојби и перспективи. Јавна трибина Изучување на македонскиот јазик како странски во рамки на манисфестацијата: 2008 година на македонскиот јазик, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје. Скопје: Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, c. 13 32. МУСТАФА, А., 2008: Македонскиот јазик како втор јазик во Република Македонија. Јавна трибина Изучување на македонскиот јазик како странски во рамки на манисфестацијата: 2008 година на македонскиот јазик, Универзитет Св. Кирил и Методиј Скопје. Скопје: Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, c. 13 32. Наставни програми и планови за предметите Македонски јазик за паралелки со наставен македонски јазик и Македонски јазик за паралелки со наставен албански или турски јазик, Министерство за образование и наука на РМ, Биро за развој на образованието. Студиски програми за предметот Македонски јазик на државните и приватните универзитети во Република Македонија ЦРВЕНКОВСКА, Е., 2008. Македонскиот јазик во странство. Јавна трибина Изучување на македонскиот јазик како странски во рамки на манисфестацијата: 2008 година на македонскиот јазик, Универзитет Св. Кирил и Методиј ; Скопје. Скопје: Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, c. 13 32. Makedonský jazyk jako druhý jazyk (nemateřský nebo cizí) v Republice Makedonii i v zahraničí Tento příspěvek představuje přehled o stavu výuky makedonského jazyka jako jazykа nemateřskéhо, druhého, cizíhо nebo zděděného v Makedonské republice i v zahraničí. Jedná se o výuku makedonského jazyka na základních a středních školách pro žáky, jejichž mateřským jazykem je albánština, turečtina nebo srbština; o výuku makedonštiny jako cizího nebo zděděného jazyka v zahraničí a o výuku makedonštiny jako cizího jazyka v Makedonské republice. The teaching of macedonian as a second language (non-mother tongue or foreign language) in the Republic of Macedonia and abroad The article is a review of the teaching of Macedonian as a second language non-mother tongue or foreign language in the Republic of Macedonia and abroad. It states some facts about the teaching of Macedonian language in the primary and secondary schools, to students whose mother tongue is Albanian, Turkish or Serbian, and are based on the current curriculums and teaching plans, the con- 194
За наставата по македонски јазик како втор (немајчин или странски) во република tents of the appropriate books and my own position on their current and possible realization plans. In the Macedonian linguistic terminology the phrase second language refers to, almost always, the language that is not students native or to the one that is widely spoken in the social environment. The actual conditions of the teaching of Macedonian language as a foreign are only briefly mentioned. 195